bitsofinsurance: 10 очекувања за македонското осигурување во 2020?

Првата половина од следната година секако ќе ја одбележат изборите а веднаш потоа ќе следат и коалицирањата. Македонската економија може да се надева дека во 2020та сето тоа побрзо ќе се заврши бидејќи знаеме дека годините каде што имаме парламентарни избори бројот на инвестиции се намалуваат и економијата подзапира.

Во вакви услови првото нешто што интуитивно ни доаѓа на памет е и намалување на осигурителната индустрија. Но 2020та не изгледа сиво за осигурителната индустрија. Напротив треба да очекуваме доста позивен развој. Ова се нашите 10 предвидувања:

Генерали ќе влезе во осигурителниот пазар?

Во минатата година имавме неколку преземања кои што спасија одредени компании од несолвентност и пропаѓање. Фактот што ниту една компанија не пропадна изигра голема улога во перцепцијата на македонскиот осигурителен пазар како стабилен и за тоа има голема заслуга Агенцијата за Супервизија на Осигурувањето. Додека минатата година малите компании беа на продажба оваа година за очекување е да се разгледуваат средните компании.

Во минатата година Генерали влезе преку купување на КД Фондови. Сепак Генерали направи медиумска најава која што остави впечаток дека се дојдени во Македонија за нешто повеќе. Разликата меѓу 2020 и минатата година е дека сега нема да имаме компании кои што ќе се продаваат на попуст. Генерали одлично соработува со Кроација Осигурување па најлогично е таа соработка да се продлабочи.

Првата сајбер осигурителна полиса во Македонија

Во текот на 2019 бевме сведоци на големиот испад на системот на Комерцијална банка. Тоа значеше дека многу комапнии и граѓани имаа прекин во своето секојдневно работење. Доколку тие беа осигурирани од овој ризик тоа ќе значеше голема осигурителна штета. Во минатото имавме и веб страници на државни институции кои редиректираа кон малвер. Многу различни сервери во мали и големи компании беа нападната и беше баран надомест за нивно враќање. Многумина од нашите сограѓани оставија податоци во лажната наградна игра “роденден на Визер”. Сите овие се различни видови на сајбер напади. Она што е интересно е дека најновите напади стануваат толку разновидни што просечниот граѓанин е се понезаштитен. Пополека треба да го поставиме прашањето дали сајбер култура треба да се воведе како предмет во основните училишта. Додека во минатата декада поголемиот број на напади беа преку симнување на фајл, сега нападите пополека преминуваат на повеќе различни методи. Дополнително имаме политички групи и држави кои што имаат свои сајбер одреди кои што вршат специјалиирани напади на клучни постројки. Македонија и македонските компании и институции се веќе одамна зрели во однос на сајбер ризиците кои ги носат. Прашање е само кој прв на пазарот ќе настапи со ваков тип на осигурување.

Кимо – новиот начин на транспорт до крајните корисници

Во текот на 2020та ќе се лансира Кимо платформата за транспорт до крајните корисници. Ова значи дека обичните граѓани ќе пренесуваат пратки. Не само што ќе се забрза и поевтини транспортот ова ќе овозможи многу претприемачки идеи да бидат полесно реализирани. Можностите на оваа платформа се огромни, но тоа значи и голем импакт и во осигурувањето. Сава Осигуруивање како компанија ја презеде улогата на иновативен играч на пазарот и реши да го воведе овој нов производ – осигурување на транспорт спроведено од трети лица. Ќе биде интересно да се следи со какви резултати ќе вроди оваа иницијатива.

Растот во неколку различни сегменти поврзани со IT индустријата

Во минатата година IT индустријата ја надмина раноградинарската. За очекување е засилен раст и оваа година. Растот на IT индустријата ќе значи и поголема понуда за производи кои што се наменети за вработените во истата. Први такви дополнителни услуги беа дополнителните здравствените пакети. Останува да видиме што ќе смислат креативните брокери и какви нови производи ќе бидат понудени. 

Самите компании можат да се осигураат за прекин во работата, кражба на сензитивни податоци, заштита од немарност на вработени. Сите овие ризици се многу реални и лесно осигурливи.

Осигурување за електрични тротинети

Во текот на минатата година имавме видливо зголемување на употребата на електричните тротинети во Скопје. Нивната популарност е разбирлива. Тие заштедуваат многу средства и како почетна инвестиција и овозможуваат брзо и лесно движење низ градот. Сето ова нажалост има цена – во Македонија немаме квалитетна инфраструктура за овој тип на транспорт што значи тротоарите стануваат ризични.

Според предлог законските измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата возачите на електрични тротинети ќе треба да возат со брзина до 6 километри на час додека се во пешачки зони. Таа брзина е и просечната брзина на пешак. Иако имаме рекорден број на полицајци по глава на жител оваа регулатива тешко дека ќе биде спроведлива. Законите мораат да корелираат со општествените навики. Доколку не постојат квалитетни навики прво да се работи на образование и промена на јавните навики. Во рамките на другите пристапи се чини како многу логична мерката за воведување на осигурување за возачите на тротинети. Според спецификациите на дел од моделите на Xiaomi и Hamachi тие можат да развијат 45 километри на час. Тоа е сериозна брзина која при невнимателност може да нанесе сериозни повреди на трети лица. Осигурувањето би ги заштитила возачите од многу сериозни издатоци при таква несреќа. Секако овие полиси ќе значат и развој на нови актуарски модели но такви веќе постојат надвор и првите полиси можат да бидат само фронтинг.

Понатамошен раст на здравственото и животното осигурување

Кога ги гледаме хрватскиот и словенскиот пазар честопати се докажало дека гледаме во иднината на нашиот. Она што се случува на овие пазари пополека со текот на годините се прелева и кај нас. Она што можеме да забележиме дека авто-одговорноста таму пополека го намалува уделот во пазарот. Во минатата година кај нас имавме пораст на животното и здравственото осигурување. Сето тоа е последица на здравата конкуренција и квалитетната понуда. Во 2020 можеби ќе можеме да очекуваме и здравствена полиса која што не е дополнително туку основно здравствено осигурување со поголема цена и поголеме покритие на ризици. За очекување е да добиеме и повеќе комбинации на животно со инвестициска компонента.

Продолжување на insurtech и insurhack

Во текот на 2019 имавме можност да ги видиме одлично организираните настани. Најпрво хакатонот кој што имаше за цел да популаризира теми од осигурувањето а потоа и одлично организираната конференција. Да очекуваме дека новото раководство во Агенцијата за Супервизија на Осигурувањето ќе продолжи со оваа одлична традиција и ќе го збогати и надгради веќе започнатите традиции. Директорот на Триглав Македонија во Ѓорѓе Војновиќ во 2018/2019 беше и директор на регионалното здружение за осигурување СОРС. Овие импулси покажуваат дека во македонската осигурителна индустрија фалат настани за учење и професионално развивање. На повидок е Insurance Meetup Skopje па ќе видиме кога и каде ќе се реализира.

Мобилна апликација за европски записник

Неколку верзии на мобилни апликации за европски записник беа направени во текот на минатиот Insurhack хакатон. Ваква апликација може значително да ја поедностави постапката за сите и компаниите и крајните корисници. Осигуритениците ќе имаат брза и лесна комуникација со осигурителите а и осигурителните компании ќе добијат поквалитетни информации навремено.

Data science да биде во пораст

Мартина Наумовска од DataMasters одржа предавње во рамки на Data Science meetup за тоа како имаат работено на reverse engineering на цени на конкуренти т.е. преку компјутерски алатки да се дознаат тарифниците на конкурентските компании. Optimal Reinsurance Management на Systems for Enterprise носи пак алатка за подобро менаџирање со реосигурувањето. Компаниите кои што имаат интернационално искуство во осигурувањето за очекување е да донесат интересни идеи за развој на истото во Македонија.

Законот за земјодлество ќе го овозможи развојот на осигурувањето

Веќе некое време се работи на нова стратегија за осигурувањето во Македонија. ЕвропаРе се чини предничи во однос на давањето на конструктивни предлози и анализи. Во текот на 2020та можеме да го очекуваме новиот закон кој што ќе го олесни осигурувањето и ќе ги зголеми можностите на осигурителите на овој пазар. Со то теретот на државата при неочекувани настани во земјоделството треба да се намали и да се доведе на ниво на мал очекуван трошок.

Bitsofinsurance и во текот на 2020та ќе биде посветен на квалитетно и аналитично пренесување на македонската осигурителна сцена. Ви благодариме за довербата.

About Stefan Miteski

Стефан Митески е Insurtech претприемач со долгогодишно искуство во осигурувањето. Има работено со палета од осигурителни компании од гиганти кои што котираат на Fortune 500 листата до стартапи. Стефан Митески е посветен на развојот на осигурителната индустрија во Македонија, а тоа го манифестира преку организирањето на Insurack Skopje 2019та и страниците bitsofinsurance и reinsuranceekly

View all posts by Stefan Miteski →